Обвинение против сопственикот на Беса Транс
Обвинение против сопственикот на Беса Транс

Јавното обвинителство поднесе обвинителен акт против Беким Хаџиу и фирмата „Беса транс“ за фалсификување исправи, поточно фалсификување на дозвола за јавен превоз во меѓународен сообраќај. Обвинителството тврди дека Хаџиу преку фалсификувана исправа и користејќи ги возачите ангажирани во фирмата манипулирал со дозволата и вршел транспортни услуги спротивно на законот.
„Обвинетиот, како раководител на фирмата, користејќи ист начин на постапување, исти можности и под слични околности, преку возачите кои управувале со автобусите на претпријатието, ги употребил како вистински фалсификуваните исправи. – Потврда од лиценца за јавен превоз во меѓународен сообраќај. Ваков документ за автобусот нема издадено Министерството за транспорт и врски, додека управителот (сопственикот) на фирмата изготвил лажен документ кој им го дал на возачите кои потоа со таков документ ја преминале државната граница. Од 10.01.2021 до 21.11.2021 година автобусот на ист начин поминал над 20 пати на повеќе гранични премини“, велат од Јавно обвинителство.
Обвинителството има обезбедено и доволно докази за евентуална злоупотреба на цариниците кои со фалсификувана потврда дозволиле автобусот да патува.
„Доказите прибавени од претходна постапка кои се однесуваат на постапувањето на царинските служби на граничните премини должни да ги проверат потврдите за транспортни дозволи, ќе бидат доставени до надлежниот обвинител во Одделот за гонење за кривични дела извршени од лица со полициски овластувања кои функционираат во рамките на Јавното обвинителство против организиран криминал и корупција“, нагласуваат од Јавно обвинителство.
Алсат Телевизија се обиде да стапи во контакт со обвинетиот Хаџиу за да го коментира обвинението на обвинителот, но тој не одговори на нашите повици и пораки. Од пожарот што го зафати автобусот на автопатот „Струма“ во Бугарија, животот го загубија 45 патници, државјани на Северна Македонија, а 7 беа повредени.
Адријан Керими