МЕТРОПОЛ
Милошоски повторно закажа седница на Комисијата за надворешна политика

Претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонио Милошоски, закажа нова седница за „заеднички став и национални црвени линии наспроти меморандумот на Бугарија“.
-Со вчерашен допис до пратениците и ресорните министри закажана е Комисијата за надворешна политика за во четврток во 11 часот. Темата е Македонија-Бугарија, која предизвикува огромен политички и медиумски интерес, и граѓаните со право очекуваат плодна дискусија и јасен став по ова битно прашање. Затоа сметам дека пратениците во Собранието, заедно со владата, мора да утврдат заеднички став и национални црвени линии наспроти меморандумот на Бугарија, кој претставува историски анахронизам, спротивен на европските повелби за човекови права, напиша денеска Милошоски на својот фејсбук-профил.
На веб страницата на Собранието, Комисијата е закажана во петок во 11 часот со единствена точка на дневен ред Утврдување на национален став за македонските ЕУ-интеграции, наспроти позициите на официјална Софија засновани на Објаснувачкиот Меморандум усвоен од страна на Република Бугарија, кои претставуваат закана за блокада на евро-интеграциите и нарушување на универзалното право на самоопределување.
Минатата недела Милошоски, исто така, закажа седница на истата тема, но тогаш Комисијата не можеше да обезбеди кворум за расправа, ниту присуство на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.