ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нови тензии на комисијата за надворешна политика

Нови тензии на комисијата за надворешна политика

На висок тон и со меѓусебни обвинувања на пратениците од власта и опозицијата заврши денешната седница на Комисијата за надворешна политика, на која се сослушуваат кандидатите за амбасадори. Тензија предизвика одлуката на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки кој преседаваше со комисијата, да ја прекине седницата, без образложение, иако на ред да го претстави експозето остана само уште кандидатот за позицијата во Брисел, Методија Белевски.

Advertisements

„Амбасадорите се повикани и доаѓаат неколку пати тука на работа во Комисијата, но Комисијата од неразбирливи причини од страна на пратеникот и претседател на Комисијата Милошоски беше прекината, а денеска и од страна на пратеникот Ковачки. Ова е лицемерното однесување на ВМРО-ДПМНЕ, коишто го покажуваат вистинското лице за тоа дека единствена цел им е да ја кочат и блокираат државата во секое поле, вклучително во надворешната политика“, рече Миле Талевски – пратеник на СДСМ.

Засега нема најава кога Комисијата ќе продолжи со работа. На денешното заседание сослушан беше Агрон Буџаку, новиот амбасадор во Отава, кој најави дека ќе работи на поголема координација на Здруженијата на Македонци и Албанци во Канада. Собранискиот филтер го помина и Дритон Кучи, кој ќе се залага за поставување на базна станица во Осло, за нашите државјани да немаат пречки при издавањето документи. Кучи најави и засилена економска соработка со Норвешка, а доби и совети од опозицијата.

„Очекувам за време на мојот мандат оваа димензија да ја фаворизираме и продлабочиме со цел привлекување на странски инвестиции во нашата земја, но и присуство на наши компании на норвешкиот пазар“, изјави Дритон Кучи – амбасадор во Норвешка.

„Јас верувам дека образовната дипломатија и културната дипломатија се многу моќни инструменти што не ги користиме“, нагласи Гордана Силјановска Давкова – пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

За пролонгирањето со испраќањето амбасадори вчера пратеникот Милошоски обвини дека проблемот лежи кај МНР, бидејќи на нивно барање седницата на Комисијата била од затворен тип, а пратениците на ДУИ немале безбедносен сертификат. Вчера МНР побара седницата да биде отворена за јавноста. Претходно, Османи обвини дека одложувањето на овој процес од страна на опозицијата, особено непотребно и без пристојно образложение, претставува длабок политички хендикеп за надворешната политика. /Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button