
Парите кои државата ќе ги даде на граѓаните за набавка на домашни производи, сепак нема да бидат контролирани. По неколкуте тврдења од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими дека контролата ќе ја вршат банките, одговорниот за економските политики во Владата Фатмир Битиќи, за Алсат вели дека трошењето за македонски производи ќе биде оставено на свеста на граѓаните. И да има несовесни граѓани кои наместо домашни производи да купуваат странски производи, Битиќи смета дека нема да се предизвика голема штета.
„Тоа ќе биде препорака до сите кои дибиваат финансиски средства парите да ги искористат кај тие компании кои продаваат или даваат услуги од домашно потекло. Сметам дека свеста кај луѓето е на тоа ниво да ги искористат средствата на производи со домашно потекло, наспроти другите производи. Но, секако, доколку имаме исклучоци сметаме дека нема да биде на штета на никого“, вели Битиќи.
А, освен помош за граѓаните за набавка на основните производи, оваа мерка има за цел и да го поддржи производството на домашните фабрики. Со потврдата дека контрола на трошењето нема да има се отвора прашањето колку од граѓаните ќе бидат совесни и нема да се обидуваат да ги изиграат правилата. Експертите сметаат дека во недостаток на контрола, можноста за злоупотреба е неизбежна.
„Опасноста би рекла тие пари да не завршат за македонски производи, и за македонските компании, туку напротив да завршат кај увозниците. Овој трошок од мерката зависи од тоа дали е добро таргетирањето, дали евиденциите за лицата и нивните приходи се добри и до одредена мера секако дека веруваме во системот. Но во земја во која сивата економија е ралативно голема може да сметаме дека ќе има таква нето загуба, во која општеството дава пари, а тие не стасуваат таму каде што сакаме“, рече Никица Мојсовска универзитетски професор.
Од Министерството за финансии уверуваа дека злоупотребите за оваа мерка се невозможни. Тврдеа дека банките имаат софтвер со кој ќе се следи трошењето на парите и тие податоци ќе бидат испратени до Владата. Потоа, на крајот од годинава ќе се знаело колку од парите примателите на оваа еднократна помош од 6 000 денари, ги искористиле за набавка на македонски производи. И покрај тоа што банките немаат таков софтвер, тие не собраа храброст тоа да го кажат и на нашите прашања не одговорија дали ќе ја вршат контролата на оваа мерка, како што најави министерот за финансии Бесими.
Иле Петревски