И Охридското езеро ќе се „молзе“ за добивање струја

Државата оваа зима ќе го користи и Охридското езеро за производство на струја, иако граѓанските активисти со години алармираат дека езерото не треба да се третира како вештачка акумулација за профитирање.
„…Планот на производство е после 10-ти октомври да почне со производство на електрична енергија, но само исклучиво за системски и балансни услуги“, рече Васко Ковачевски-директор на ЕСМ.
Во моментов квотата на Охридско е 693,36 метри надморска височина. Тоа е за 26 сантиметри повеќе од просекот за овој период од годината.
„…Никогаш немаме во план котите да паднат под она што е дозволено, затоа што веќе се доведува во прашање биодиверзитетот во овие капацитети….“, додава Ковачевски.
Но, биолозите велат дека секое искористување на езерото и играње со неговото ниво, негативно влијае врз целиот еко-систем во него.
„Како експерти за зачувување на природата мислиме дека поради сушата во текот на летото и во време кога имаме намалување на водостојот на езерото, производството на електрична енергија е штетно за флората и фауната во Охридското Езеро. Не само ова. Ние знаеме дека водата на Охридското Езеро е богата со хранливи материи и овие материи се неопходни за флората и фауната. И од овој аспект и нанесуваат штета на растителниот и животинскиот свет“, вели Беким Зиба-биолог.
Сето ова се случува кога државата најавува дека ќе ги стави на располагање сите расположливи ресурси и капацитети за справување со енергетската криза, особено во претстојните месеци па ако треба, ќе се испушта и Охридското езеро.
Мики Трајковски