ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Започна скрининг процесот во Брисел

Македонија го започна скринингот, како прв чекор од преговарачкиот процес за членство во Европската Унија. Во Брисел македонските експерти, предводени од главниот преговарач Бојан Маричиќ, и претставниците на Европската комисија започнаа да го разгледуваат законодавството од првиот кластер, кое се однесува на јавните набавки. Маричиќ очекува процесот да резултира со европеизација на општеството и европско функционирање на државата.

Advertisements

„Нашиот тим, тимот на Република Северна Македонија тука во Брисел, а и колегите кои не следат во Скопје се подготвени да ги слушнат вашите искуства и совети за тоа како најдобро да исполнат барањата на законодавството на Европската Унија во областа на јавните набавки“, рече Меричиќ.

„Големо задоволство ми е да ги поздравам делегациите на Северна Македонија и Албанија за овој состанок од скрининг процесот, бидејќи морам да кажам, ова е среќен и емотивен момент, затоа што ова се случува после долго чекање и пат со големи пречки. Но, сега сме тука и ова е навистина голема пресвртница за Северна Македонија, Албанија, но и за ЕУ“, рече Микела Матуела – извршен директор на ЕК за Западен Балкан.

Премиерот Димитар Ковачевски, на фејсбук, истакна дека денеска е важен ден за иднината на граѓаните, кои заслужуваат да живеат во европско општество. Тој оцени дека македонскиот тим е подготвен за предизвикот.

„Отворени се преговорите со Европската Унија! После 17 години чекање, денеска во Брисел се отвори скрининг процесот за Северна Македонија за членство во Европската Унија. Започнуваме процес во кој ќе се продлабочат суштинските реформи за имплементација на европските регулативи, за европеизација на општеството и за европско функционирање на државата“, вели Ковачевски.

Скринингот денеска го започнаа и Македонија и Албанија. Откако ќе се разгледа законодавството од првиот кластер, посветен на администрацијата, правосудството и јавните набавки, Европската комисија кон крајот на ноември треба да излезе со своите оценки, но и препораки во оваа област. Целокупниот скрининг се очекува да заврши кон крајот на наредната година, по што би се закажала втората Меѓувладина конференција кога се отвораат преговарачките поглавја. Во случајот на Тирана, конференцијата ќе се закаже автоматски, додека пак Скопје најпрвин ќе треба да ги спроведе уставните измени, кои се услов за отворањето на поглавјата.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button