Нова зонска поделба на јавните паркинзи во Центар и промена на цените

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) соопшти дека од 1 октомври 2022 година воведува промени во зонската поделба на јавните паркиралишта, како и промени во дел од цените и надоместоците за услугите на претпријатието.
Според ПОЦ, реорганизацијата на зоните доаѓа по бројните реакции од корисниците за досегашната Зона 01, која причинуваше забуна при испраќање на смс пораките.
-Следствено на тоа, јавните паркиралишта на ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе се класифицираат во три паркинг зони: Зона 0, Зона 1 и Зона 2. Во Зона 0 се опфатени истите сервисни и станбени улици како и до сега: „8-ма Ударна бригада“, „Лермонтова“, „Никола Кљусев“, „Максим Горки“, „Наум Наумовски Борче“ (делот пред раскрсницата помеѓу бул. ВМРО и бул. Партизански Одреди), „Скопска“ и „Орце Николов“ (од бул. ВМРО до Плоштад Македонија). Во Зона 1 се опфатени сервисните и станбени улици во Сектор „Дебар Маало“, Сектор „Парк“ и Сектор „Буњаковец“, а во Зона 2 се опфатени сервисните и станбени улици во Сектор „Капиштец“ и Сектор „Пролет“.
Цената за 1 час паркирање во Зона 0 ќе биде 100 денари, во Зона 1 – 70 денари и во Зона 2 – 60 денари. Со овие промени ќе се добие подобра организација на паркиралиштата и ќе се воведе поголем степен на контрола и ред во паркирањето на територија на општината, наведува ПОЦ.