Дрва за греење купени за 2.500 денари, се продаваат за 5.500!

Цената на дрвата за греење на плацевите на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ изнесува 3 илјади денари со вклучен ДДВ. Приватните оператори кои директно купуваат дрва оттаму плаќаат 2.500 денари за метар кубен со вклучен ДДВ, но кога потоа им ги продаваат на граѓаните, цената е двојно повисока и достигнува до 5.500 денари. Директорот на Јавното претпријатие, Валентин Груевски вели дека транспортот може да има улога во поскапувањето, но не ја оправдува толку големата разлика меѓу нивната цена и онаа кај приватните оператори.
Цената е пониска, но нема дрва. Груевски вели дека количината со која компанијата располагала годинава била поголема во однос на претходните години, но побарувачката е уште поголема.
Прв од Владата кој реагираше за енормно високите цени на дрвата беше министерот за животна средина Насер Нуредини. Тој рече дека постојат сомнежи дека се злоупотребува пазарот со цените на дрвата за греење и оти прашањето го поставил и во Владата. Се обидовме да стапиме во контакт со Пазарниот инспекторат за да дознаеме дали тие излегле на терен и дали констатирале неправилности или прекршувања на одлуката на Владата за ограничување на маржата, но одговор не добивме.
Еви Шкопи