
Странските инвеститори три пати побрзо добиваат дозвола за монтирање на фотоволтаици. Додека домашните бизнисмени се жалат дека им треба една година за да ги добијат сите документи од општината или останатите државни институции, предноста на инвеститорите со странски капитал во земјава е тоа што сите бирократски процедури се обезбедуваат во Дирекцијата за технолошки развојни зони. Дополително, вишокот на струја која ќе ја произведат ќе може да ја пуштаат и во енергетската мрежа.
„Енергијата што ќе се генерира во самите централи ќе биде искористена исклучиво за сопствени потреби. Работиме на модел кој што ќе овозможи дополнително оној капацитет кој што постои, а не им е потребен за сопствени потреби да се преземе во мрежата и да биде достапен, секако по цени далеку пониски од пазарните за останатите деловни субјекти кои не оперираат во рамките на зоните“, рече Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.
Инаку, според објавените податоци актуелната енергетска криза не влијае негативно врз работењето на странските компании сместени во индустриските зони. Заклучно третиот квартал од годинава, регистриран е вкупен извоз од 2,8 милијарди евра, а само во септември извозот достигнал половина милијарди евра. За ваквиот раст на вредноста на извозот влијание има и зголемената цена на производите кои ги продаваат. Во однос на работниот кадар, во зоните е регистриран раст на бројот на работници и сега тој изнесува 15 600 вработени во странските инвестиции.
Иле Петревски