Експерти: Европската заедница нема да го забави нашиот пат кон ЕУ
Експерти: Европската заедница нема да го забави нашиот пат кон ЕУ

Европската политичка заедница не претставува замена за полноправното членство во Унијата, оценува директорката на Институтот за европски политики, Симонида Кацарска. По вчера одржаниот прв Самит на новата заедница, таа вели дека Европската унија имала поголеми цели отколку менаџирањето со процесите во земјите од еден мал регион, како што е Западен Балкан. Според Кацарска, Унијата успеала вчера повторно да ја приближи кон себе Велика Британија, како и Турција, особено во актуелниот геополитички момент.
„Не мислам дека основниот ризик на тоа долгорочно да завршиме во некоја чекалница, доаѓа од Европската политичка заедница. Многу поверојатно е дека доколку се продолжи со ваквата политика на проширување на ЕУ, којашто е доста бавна, тромава, оптоварена со билатерални прашања, ние формално можеме да постоиме во истата, но бавно да напредуваме. Не би рекла дека клучниот ризик е во овој нов формат“,рече Симонида Кацарска – Институт за европски политики.
Кацарска смета дека идејата на францускиот претседател Емануел Макрон била да се покаже лидерство, но и да се создаде впечаток дека Европа делува обединето. Според неа, успех е што на иста маса седнале лидери кои имаат различни профили. Таа додава дека таков е и примерот со лидерите од Балканот, бидејќи ако се гледа од регионален контекст постојат несогласувања во надворешната политика, односно во насоките каде треба да се движиме.
„Не мислам дека имаше многу простор за мали земји надвор од ЕУ и од нашиот профил да имаат големо присуство, во никој случај. Социјализацијата со тие лидери е несомнено значајна, особено со лидерите на ЕУ и би потсетила дека за сите нас ваквите големи средби веројатно би требало да не потсетат дека мора да работиме на регионалното поврзување, бидејќи само така ќе имаме поголем глас“, додаде таа.
Идејата за Европската политичка заедница прв ја сподели Макрон оваа пролет, а првиот Самит се одржа вчера во Прага, земјата која го предводи евро-претседателството. Наредниот Самит е закажан во Молдавија, што според Кацарска, е доволен пример за целите кои новата заедница ги постави – енергетска независност од Русија и нова безбедносна структура./Alsat.mk
Лука Андреев