ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

ВМРО предлага мерки против кризата

ВМРО-ДПМНЕ предложи пакет мерки за справување со кризата. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски вели дека нивните пет предлози директно ќе ги ублажат последиците врз животниот стандард, ќе се спасат работни места и ќе се поддржат компаниите. Мицкоски побара ЕСМ своите вишоци на електрична енергија да ги отстапи на стопанството и да се укине „недела неработен ден“, Владата со педесетина милиони евра да ја субвенционира цената на струјата на компаниите од регулираниот пазар, да се одложи скалестото оданочување, средства од благајничките записи да се насочат кон стопанството, но и да се воведе „Викенд без ДДВ“ за основните прехранбени производи.

Advertisements

„Самата Влада се пофали дека има зголемена наплата на данокот на додадена вредност, но тоа се должи само на една причина. Не затоа што имаме поголема активност во економијата, не затоа што има поголема фискална дисциплина, туку само поради едно, поради екстремно високата инфлација. Затоа предлагаме викенд без ДДВ на основните прехранбени производи“, рече Мицкоски.

По вчера објавениот пакет мерки на премиерот Ковачевски, Мицкоски денеска кажа дека Владата има крах во справувањето со кризата. Според него, актуелниот владин пакет не е доволен и не дава решение за растот на цените на храната. Сепак, Мицкоски беше задоволен што дел од препораките му биле прифатени.

„Добро е што Владата го прифати мојот предлог и е на пат да профункционира, за набавка на енергенси кои се потребни за намалување на последиците на кризата и што се согласи да го прифати предлогот што го дадов – јавните водоводни претпријатија, тие тоа го нарекуваат мерни пумпни станици, здравствените установи и школите да влезат на регулираниот пазар на струја. Така ќе се спасат работни места“, додава Мицкоски.

Реагираа од СДСМ. Оттаму повикаа ВМРО-ДПМНЕ да не го блокира новиот владин пакет вреден 350 милиони евра, бидејќи реализацијата на мерките е поврзана со законски измени. Мицкоски пак, претходно кажа дека новите владини предлози веќе го поминале собранискиот филтер, освен оние кои може да се реализираат со уредба, поради кризната состојба.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button