Одбележување на Денот на народното востание – 11 Октомври под мотото „Секогаш на вистинската страна“

Со традиционалниот импровизиран напад пред Меморијалниот музеј „11 Октомври“ и со огномет синоќа во Прилеп почнува одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание и 81-та годишна од почетокот на антифашистичката борба во 1941. Централниот настан за одбележување на празникот, кој годинава е под мотото „Секогаш на вистинската страна“ ќе се одржи денеска пред Спомен – костурницата во Куманово, а дополнително владини делегации ќе положат свежо цвеќе пред спомениците на паднатите борци од Народно ослободителната борба (НОБ) во Скопје и Прилеп, а во Собранието ќе биде доделена државната награда „11 Октомври“ за 2022 година.
Свежо цвеќе на споменикот на „Ослободителите на Скопје” на платото кај Владата ќе положи владина делегација предводена од вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, во чиј состав ќе бидат на замениците-министри за информатичко општество и администрација и за одбрана Александар Бајдевски и Башким Хасани.
Во исто време, во Собранието денеска ќе биде доделена Државната награда „11 Октомври“ како највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес. Овогодишни добитници на 11-Октомвриската награда во областа на науката и образованието е невропсихијатарот проф. д-р Методи Чепреганов, а во областа на културата и уметноста поетесата Линдита Ахмети, писателот Томислав Османли и ликовниот уметник Мицко Јанкуловски.