Европската Комисија ќе го објави Извештајот за Северна Македонија

Европската Комисија денеска ќе го усвои пакетот за проширување на земјите од Западен Балкан со посебен извештај за напредокот на секоја од државите во процесот на евроинтеграции, вклучително и за Северна Македонија.
Ова е прв Извештај на ЕК за земјава откако на 19 јули се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел, со што официјално беа отворени преговорите за членство.
Во Нацрт-извештајот на Европската комисија што треба да се објави денеска, а во кој Радио Слободна Европа имаше увид, оценето е дека Северна Македонија е умерено подготвена по речиси сите критериуми. Единствено во економските критериуми е наведен добар напредок, а во усогласеноста на земјава со европската надворешна и безбедносна политика има многу добар прогрес.
–Потребни се решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи, стои меѓу другото во извештајот.