ССМ за изјавите на Ковачевски и Мицкоски: Недозволиво е главните начини за излез од криза да бидат на грбот на работниците

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) реагира на последните изјави на премиерот Димитар Ковачевски дека е потребно кратење на платите и на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за укинување на недела неработен ден.
Во таа насока, од ССМ велат дека е недозволиво главните начини за излез од која било криза да бидат на грбот на работниците.
„Владата на која ѝ се случува генерален штрајк во јавниот сектор, кој сè уште трае онаму каде што истата не ги зголемила платите, сега планира да штеди и да им ги намали платите на работниците, во услови на 18,7 проценти инфлација и до 100 проценти зголемени цени на основните прехранбени производи и на тој начин дополнително да ги осиромаши своите граѓани и работниците за дополнителни 10 проценти“, се наведува во соопштението на ССМ.
Според Синдикатот, владејачкиот СДСМ, односно Владата, не ги зголемила платите на работниците, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги зголемила на локално ниво, нешто што го сториле и други, како што велат, совесни градоначалници и други политички партии онаму каде што имаат функционери.