Македонија „умерено подготвена“ за борба против корупцијата

Македонија доби оценка „умерено подготвена“ во борбата против корупцијата, во најновиот Извештај на Европската комисија. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји истакна дека земјава треба да ги спроведува ЕУ-реформите, а борбата против корупцијата да продолжи преку јавната администрација.
„Земјата треба да продолжи уште побрзо и да го искористи скрининг процесот за да го оствари целосниот потенцијал, да ја забрза имплементацијата на реформите. Борбата против корупцијата треба да продолжи и во оваа насока е значајна реформата во јавната администрација“, рече Вархеји.
Според Брисел, Антикорупциската комисија била проактивна во справување со случаите на непотизам, вработување за награда и политичко влијание во процесот на вработување. Според членовите на оваа Комисија, корупцијата останува во топ-три проблеми кои ги посочуваат граѓаните. Владимир Георгиев посочи дека е неопходно да има ефикасни дисциплински постапки.
„Она што во нашата земја сè уште е проблем е ниското ниво на етичка одговорност, односно непридржување до етичките принципи и стандарди од страна на службените лица на сите нивоа на административната структура, тука се разбира се опфатени избраните и именуваните лица. Поради тоа мора проактивно да се делува на јакнење на интегритетот“, рече Георгиев.
Георгиев додава и дека земјава ги исполнила сите услови за воспоставување канали за пријавување на сомнежи за корупција.
„Имаме закон за заштита на укажувачи и веќе имаме поголем број на лица коишто пријавуваат корупција и бараат да бидат заштитени согласно овој закон и често се обраќаат до Антикорупциската комисија“, вели Георгиев.
Инаку, покрај борбата со корупцијата, Брисел во најновиот извештај го оцени и правниот систем на државата како „умерено подготвен“.
Лука Андреев