ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Успех во евроинтеграциите само со консензус меѓу политичките партии

Успехот на евроинтеграцијата ќе зависи од консензусот на сите политички актери во земјава, порача евроамбасадорот Дејвид Гир, презентирајќи го во Владата – Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава. Тој кажа дека е неопходно да се забрза реформскиот процес преку усвојување на законски решенија, како на пример за реформите во администрацијата, за што клучна улога има Собранието. Гир ја повтори оценката од Извештајот дека Собранието работи во услови на политичка поларизација.

Advertisements

„Оваа земја е преговарач и процесот на скрининг е започнат, меѓутоа тој треба да оди рака под рака паралелно со реформите и тие треба да бидат забрзани. Овој Извештај веќе ги утврдува начините на коишто тие реформи треба да бидат забрзани. Националниот совет за евроинтеграции треба да ја одигра својата улога, а Собранието ќе има круцијална улога во текот на целиот процес на преговарање и ќе биде клучно во усвојување на законските решенија“, рече Гир.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ прстот за забавената реформска агенда го впери кон опозицијата. Според него, опозицијата има Стратегија за блокада на Собранието и ја повика на дело да ја покаже својата ЕУ-аспирација.

„Отворено нудам подадена рака на Националниот совет за евроинтеграции и нејзиниот претседател Александар Николовски да седнеме и да разговараме како да направиме реформска агенда, поврзана со Извештајот на ЕК, којшто во Собранието законодавниот дел од таа агенда ќе се одвива без блокади и без пречки, а притоа ќе и даде можност на опозицијата да учествува во тоа и да критикува и да предлага…“, рече министерот Маричиќ.

Маричиќ додаде дека по завршувањето на скринингот, следува значаен процес на утврдување на државните преговарачки позиции, за што е неопходна поддршка од опозицијата. Прашан пак за уставните измени со кои ќе се овозможи отворање на првиот преговарачки кластер со Брисел, Маричиќ одговори дека засега не се создадени услови за иницирање на промена на Уставот и не очекува тоа да се случи до крајов на годинава.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button