ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Министерот Османи против ретроактивност на законот за здруженија

Министерот Бујар Османи не би сакал измените на Законот за здруженија да важат ретроактивно. Измените, кои со поддршка и од власта и од опозицијата вчера по скратена постапка влегоа во собраниска процедура, предвидуваат здруженија во рок од три месеца да го променат својот назив, а доколку тоа не го сторат, Министерството за правда да ги поништи. Измените беа иницирани по отворањето на клубовите „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис“ во Охрид.

Advertisements

„Треба од правен аспект да се види дали може да важат законски решенија ретроактивно. Јас не сум правник, меѓутоа потребата во рок од три месеца да се ревидираат, тоа е ретроактивно, на некој начин, важење на законот. Тука не можам од правен аспект да кажам. Од политички аспект ќе треба убаво да се анализира како ќе се рефлектира. Би сакал законот да важеше од денеска, па натаму“, вели Османи.

Министерот повтори дека не му е јасна причината за отворањето на бугарските клубови со несоодветни називи, но оцени дека е на штета на бугарската заедница кај нас. Османи дури сметал, како што самиот вели, дека трета страна се обидувала да ги киднапира односите меѓу Скопје и Софија со вакви провокации.

Инаку, вчера од владејачкото мнозинство најавија дека ќе ги поддржат измените поднесени од опозицијата. Со предложените измени, (член 8) се предвидува како назив да не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари на лица кои по било кој основ во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх.

Претходно премиерот Димитар Ковачевски го осуди отворањето на клубовите со вакви називи, но порача дека треба да се реагира кај основачите, кои се македонски државјани. Засега реакција од официјална Софија за новите измени кои се очекува да бидат изгласани, нема.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button