ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ЕУ појаснува за платите на уставните судии, било договорено да се бараат екстра пари

По демантот на амбасадата на САД дека тие не дале согласност уставните судии да си ги зголемат платите, реагираше и делегацијата на ЕУ во земјава. За Алсат објаснија дека имале средба со Уставен, но во одговорот не посочија конкретно дека биле против платите на уставните судии да пораснат за вртоглави 35 проценти. Судиите според нив, треба да бидат платени во согласност со нивната одговорност, но во рамки на буџетот на државата. Уставните судии се бранеа дека покачувањето било по претходна консултација и согласност од повеќе амбасади, вклучително и онаа на САД и со делегацијата на ЕУ.

Advertisements

„Последната средба меѓу претседателот на Уставниот суд и Делегацијата на ЕУ се одржа на 16 декември 2019 година каде беше договорено Уставниот суд да бара дополнителни финансиски средства за задоволително исполнување на своите должности“, наведуваат од Делегацијата на ЕУ.

Делегацијата на ЕУ не прецизира дали на средбата со претседателот на Уставен, Сали Мурати дала поддршка платите од 90 илјади да пораснат за дополнителни 30 илјади. Според датумот на состанокот, на средбата во Уставен бил поранешниот евроамбасадор Самуил Жбогар. За разлика од делегацијата на ЕУ, амбасадата на САД вчера јасно го демантираше Уставен. Објаснија дека имале средби, но никогаш не посочиле дека судиите треба да си ги зголемат платите. Додатоците од 30 илјади денари судиите ги направија преку измени во Деловникот за работа, а не преку закон кој би одел на гласање во Парламентот. Сепак, Министерството за правда потврди дека Уставен до нив испратиле Нацрт – предлог Закон за Уставен суд, со кој ќе се регулираат меѓу другото и платите. Од правда велат дека во договор со судот ќе одлучат како ќе се регулира ова прашање, иако судиите веќе си ги зголемија приходите.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button