
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека е точна и прецизна неговата изјава дека конфликт од типот Нагорно – Карабах може да се случи на Косово ако пропаднат обидите за компромис.
„Реков дека конфликтот во Нагорно Карабах беше замрзнат и потоа се одмрзна и дека секој ваков случај, во иднина може да нè доведе до катастрофа, па дури и до еден конфликт, што не ни треба. Со ова ја изразив желбата да се создаде мир и да се најаде компромисно решение. На сите ова им беше јасно“, рече Вучиќ.
Од друга страна, премиерот на Косово Авдула Хоти рече дека ваквите изјави не придонесуваат за мир и стабилност.
„Изјавите дадени вчера од српска страна, од нашиот северен сосед се несоодветни. Тие не придонесуваат за мир и стабилност, и не се во духот на кој се согласивме да работиме заедно во процесите на дијалог. Врз основа на ова, вчера издадовме официјален став на Владата на Косово наспроти ова, кој е умерен и конструктивен, јасно покажувајќи дека времето на конфликтите поминало. Отворените прашања што ги имаат нашите две земји, мора да ги решиме преку дијалог, нема друг начин, која било друга изјава создава само непотребна ситуација. Пораките на нашата Влада се пораки за мир, стабилност и решеност за зачувување на суверенитетот на земјата со сите законски и уставни средства, како и со поддршка на меѓународните партнери“, рече Хоти.