
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во прво обраќање по изборите пред Белата куќа рече дека неговата администрација под ниеден услов нема да воведе блокада во земјата поради ковид -19.
„Оваа администрација нема да воведе блокада. Што и да се случи во иднина, кој знае која администрација ќе биде. Времето ќе каже, претпоставувам“, рече Трамп.
Говорејќи пред Белата куќа на 13 ноември за вакцините против коронавирусот, Трамп го повтори ветеното дека нема да воведе блокада во САД и покрај тоа што бројот на заразени со ковид-19 расте.
Обраќањето на Трамп доаѓа откако пред неколку дена американската компанија Фајзер во соработка со германската компанија БиоНтек соопшти дека нивната експериментална вакцина е 90 проценти ефикасна. Трамп рече дека ниедно медицинско откритие не било постигнато вака брзо.