ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Три главни теми во посетата на Дер Лејен на Скопје

Поддршката за евроинтеграцијата, ФРОНТЕКС-договорот и справувањето со енергетската криза се во фокусот на посетата на земјава на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. По четиригодишно одложување Скопје и Брисел денеска го потпишуваат ФРОНТЕКС договорот, кој се однесува на граничната заштита. Предвиденото во договорот веќе се реализира на македонската граница, но до официјално потпишување досега не дојде поради бугарското вето. Откако Македонија и Бугарија ги дадоа едностраните изјави на Меѓувладината конференција во јули со своето сфаќање за македонскиот јазик, сега Софија дава зелено светло. Ова е прв документ што земјава го потпишува со Европската унија на македонски јазик.

Advertisements

„Потпишувањето на договорот за статусот на Фронтекс претставува уште еден чекор во продлабочувањето на односите меѓу ЕУ и Северна Македонија. Тоа ќе донесе практични придобивки преку подобрување на граничната безбедност на земјата. Договорот е на македонски јазик, како и на сите 24 јазици на ЕУ, а сите јазични верзии се подеднакво валидни“, велат од Мисијата на ЕУ во Скопје.

Како што се додава во соопштението на ЕУ-делегацијата во Скопје, Фон дер Лејен ќе ја нагласи и важноста што Унијата и ја дава на регионот, но и посветеноста на европерспективата на земјите од Западен Балкан. Сепак, централна тема ќе биде енергетиката.

„Претседателката Фон дер Лејен ќе ја претстави дополнителната поддршка што ЕУ ќе ѝ ја даде на Северна Македонија и на регионот за да помогне во ублажувањето на влијанијата од актуелната енергетска криза. Работејќи заедно, ЕУ и Северна Македонија ќе се обидат да се справат со актуелните предизвици во енергетскиот сектор и да го намалат нивното влијание врз земјата и нејзините граѓани“, додаваат од Мисијата на ЕУ во Скопје.

Скопје е прва станица од балканската турнеја на Фон дер Лејен. Таа утре патува за Приштина и Тирана, а до сабота ќе ги посети и Сараево, Белград и Подгорица.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button