Атанасов: Во Бугарија има сили кои посакуваат блокадата да останеше

Иницијативите со отворањето културни клубови во двете земји не придонесува за добрососедството, туку напротив го влошува, смета бугарскиот историчар Димитар Атанасов, коментирајќи ги новоотворените клубови во Битола, Охрид, како и Благоевград.
Во изјава за Алсат тој вели дека одредени структури посакуваат блокадата за македонската евроинтеграција да опстои. Атанасов додава дека Македонците имаат право, како што вели, да се бунтуваат за користењето на имињата Ванчо Михајлов и Цар Борис.
„Бугарија официјално ја отстрани блокадата, но за жал во бугарското општество и во политичкиот живот во Бугарија постојат такви сили, кои продолжуваат да сакаат блокадата да е на сила. Тие прават сѐ што е можно, иако блокада нема, во практика таа да продолжи и да влијае. Отворањето на бугарските културни клубови со имиња на личности кои не се прифатливи за Македонците е отворена провокација“, вели Атанасов.
Според Атанасов, политички струи и од Скопје и од Софија ја користат актуелната состојба во свои партиски интереси. Бугарскиот историчар смета дека токму тоа е целта на клубовите, а не промоција на културата.
„Видовме дека на отворањето на културниот клуб во Битола присуствуваше, сега веќе бившиот претседател на бугарската партија со име ВМРО, а вчера во Благоевград присуствуваше неговиот македонски колега, шеф на партија со истото име. Тоест, на сите ни стана јасно дека од двете страни на границата постојат политички субјекти кои имаат корист конфликтот да продолжи да постои“, додава Атанасов.
Атанасов ставовите ги сподели на трибината меѓу македонски и бугарски интелектуалци, организиран, од чешкото европретседателството, каде дискутантите посочија дека има голем простор за напредок во односите меѓу Скопје и Софија, доколку фокусот не е постојано поставен на историските и политичките прашања.
Лука Андреев