На Рашковски му се допадна сведочењето на Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не бил информиран за набавките за кои веќе неколку месеци е обвинет поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски. Спасовски, одговарајќи на прашањата на обвинителот, нагласи дека не памети дека за тоа било разговарано на некоја владина седница.
„Мислам дека не е дискутирано, затоа што согласно работата на Генералниот секретаријат на Владата и генералниот секретар, набавките ги прави генералниот секретар и доколку било предвидено во Генералниот план, тоа го прават сами“, рече Спасовски.
Во одговор на прашањата на обвинителот, Спасовски рече дека не ни знаел дека е набавен биометриски систем за идентификација.
На Рашковски му се допадна сведочењето на министерот Спасовски и истакна дека со овие изјави се поткрепува тезата дека е невин. Рашковски беше дециден дека софтверот бил нарачан само за анализи, а не преку него да се казнува.
Обвинението опфаќа набавка на два софтвери за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, кои според Обвинителството, никој не ги побарал и користел. Во обвинението е опфатено и плаќањето на хонорари од кои, според обвинителството, за себе земал и самиот Рашковски. Му се суди за злоупотреба на службената положба и перење пари. Со него обвинети се уште шест лица.
Ардит Рамадани