ЗАБАВА

Физичка активност на работно место за здраво работоспособно население

Физичка активност на работно место за здраво работоспособно население

Паркирајте подалеку од вашето работно место, станувајте за да се напиете вода, излегувајте на пауза за ручек, организирајте активни состаноци – шетајте и разговарајте, почесто станувајте од столчето кога работите и издвојте време за кратки вежби во текот на работниот ден, се само дел од препораките – како да се биде физички активен на работното место.

Advertisements

Доброупатените велат дека зголемувањето на физичката активност е општествен, а не индивидуален проблем, и тој бара мулти-секторски, односно мулти-дисциплинарен пристап.

Д-р спец. Драгана Бислимовска од Институт за медицина на трудот вели дека во земјава сè уште не постои посебна стратегија или програма за физичката активност на работното место, а координативната улога во промовирање на бенефитите за редовна физичка активност врз работоспособното население ја остварува Министерството за здравство.

– Националната стратегија за превенција и контрола на незаразни болести од 2009 година и Националната годишна програма за јавно здравје на Република Северна Македонија за 2022 година се главните стратешки документи, кои ја опфаќаат промоцијата на физичка активност и кај работоспособното население. Важно е да се напомене дека во Законот за спорт, работоспособното население не е вметнато како една од приоритетните категории за промоција на физичка активност, а, исто така, и во Законот за безбедност и здравје при работа, не се спомнува физичката активност на работно место како концепт за превенција на здравјето на работникот на работното место, ниту важноста од аплицирање на активни паузи во текот на работното време, вели таа.

На ниво на Европа, како што појаснува, поттикнато од Глобалниот акциски план за превенција и контрола на незаразни болести 2013-2020, Светската здравствена организација ја развива Стратегијата за физичка активност на СЗО за Европскиот регион 2016-2025.

– Оваа стратегија се фокусира на улогата на физичката активност како водечки фактор за здравје и благосостојба во Европскиот регион, каде како Приоритет број 3 се издвојува промоцијата на физичката активност кај возрасното население, како дел од нивниот секојдневен живот, вклучително и на работното место, појаснува Бислимовска.

Како една од првите посериозни иницијативи за примена на активна промоција на физичката активност кај работоспособното население кај нас го издвојува организирањето на посета на СЗО мисија за пронаоѓање факти за поддршка на промоција на физичка активност во Република Северна Македонија, во периодот од 19-22 февруари 2019 година.

– Во рамките на извештајот, кој беше изготвен на крајот од нивната посета се укажа на важноста од промовирање на физичка активност за сите возрасти како дел од секојдневниот живот, вклучително и за време на транспортот, слободното време, на работното место и преку системот за здравствена заштита. Како главни цели за идна имплементација, кои директно се однесуваат на работоспособното население на територијата на нашата држава, се издвојуваат намалувањето на автомобилскиот сообраќај и зголемување на соодветноста за пешачење и возење велосипед, како и обезбедување можности и советување за физичка активност на работното место, преку подигање на свеста за физичката активност на работното место и имплементирање на примери за добра практика во поединечни институции како што е Факултетот за физичка култура, спорт и здравје на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, но, и развој на стратегии, политики и активности поврзани со промоција на физичката активност на работно место, наведува таа.

Бислимовска дополнува дека работната група предводена од Канцеларијата на претседателот на Владата, во која биле вклучени претставници од повеќе сектори, изработила едногодишна национална програма – Програма за физички активна нација, меѓутоа, како што вели, иако подготвената програма начелно добила поддршка од раководството на Министерството за здравство, сепак, истата не била проектирана во буџетот за 2022 година и оттаму не можела да се реализира.

– Годинава, со поддршка на СЗО Канцеларијата во нашата земја, беше покрената иницијатива за унапредување на физичката активност на работното место, во соработка со претставници од Министерството за здравство, Факултетот за физичко образование спорт и здравје и Институтот за медицина на трудот на РСМ, СЗО Колаборативен центар, во рамките на која во периодот јуни/јули 2022, се подготви истражување, односно, комплексна анализа на податоци од научна и стручна литература, актуелни легислативи, регулативни акти, објавени политики, стратегии, програми, водичи, извештаи, изработен од страна на експертскиот тим на Институтот за медицина на трудот на Република Северна Македонија, СЗО Колаборативен центар, преку кој се овозможи преглед на моменталната состојба во земјите од ЕУ и кај нас, со што се постави одлична основа за идентификација на потенцијалните проблеми и недостатоци, но и конкретни насоки за идни активности и можни чекори за делување, вели Бислимовска.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button