Драматичен раст на инфлацијата

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во текот на месец октомври годинава во однос на истиот месец 2021 година трошоците на живот достигнале високи 19,8 проценти.
Ова е најголемата стапка на инфлација која ја регистрираше ДЗС од почетокот на годината, но и во подолг временски период. Минатиот месец индексот на трошоците на живот во споредба со месец септември 2021 година изнесуваше 18,7 отсто.
Како што објавува ДЗС, индексот на цени на мало исто така има зголемување и тоа на годишно ниво од 15,4 проценти.
– Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во октомври 2022 година, во однос на претходниот месец, изнесува 101,4, а индексот на цените на мало изнесува 100,6. Пораст на индексите на трошоците на животот во октомври 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 7,3 отсто, млекото за 5,9 проценти, сирењето и урдата за 5,7 отсто, месото за 3,6 проценти, прехранбените производи неспоменати на друго место за 3,2 отсто, рибата и морските плодови за 2,8 проценти, лебот и житата за 1,8 отсто, кафето, чајот, какаото за 1,4 проценти, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1,1 отсто, виното за 0,9 проценти, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,5 отсто, пивото за 0,4 проценти и жестоките пијалаци за 0,3 отсто – се наведува во соопштението на ДЗС.