
Интервентниот увоз на електрична енергија со сигурност ќе значи и поскапа струја за граѓаните, тврдат експертите од енергетскиот сектор. Државата го стопираше производството од хидроелектраните поради намалениот водостој на реките и езерата, но во исто време не може да обезбеди доволно електрична енергија од останатите капацитети, вели за Алсат професорот Константин Димитров. Негативните ефекти од недостатокот од инвестиции во енергетиката допрва ќе излегуваат на површина, тврди Димитров.
„Со било каков увоз на струја, цената ќе расте. Без увоз цената порасна за седум отсто. Електричната енергија која не е долгорочно нарачана на почетокот јасно дека е поскапа. И се разликува во цената за најмалку 30 отсто“, вели Константин Димитров експерт по енергетика.
Од ЕСМ за Алсат велат дека во овој момент е рано да кажат дали ќе има простор за раст на цената за крајните потрошувачи.
„Берзанските цени на струјата за првото тромесечје во 2021 година ќе бидат познати на 15.12.2020 година, а потоа и за вториот квартал. Тогаш ќе се прават и пресметките за цената која ЕСМ ќе ја даде на тендерот на Универзалниот снабдувач за испорака на струја за периодот 1 – 6.2021“, велат од ЕСМ.
Пред точно една година кога нивото на акумулациите беше спуштено на сериозно ниско ниво, екипата на Алсат излезе на терен и ја забележа алармантната состојба на браната Козјак. Тогаш побаравме одговори од надлежните, дали во периодот што следи оваа состојба ќе го спречи производството на електрична енергија од оваа електрана. Тогаш од ЕСМ тврдеа дека производството на струја е под контрола.
„Имаме четири месечна суша, кај што немаме доток, но тоа не се одразува врз работењето на самата брана. Имаме добра поволна кота и ние нормално си работиме“, вели Панче Салтиров, ЕСМ.
Но, регулаторот е дециден, нема да прифати нови зголемени трошоци на енергетските компании од земјава.
„Компаниите пред се Електродистрибуција, МЕПСО и ЕВН Хоум може да побараат што сакаат, а особено да побараат зголемување на нивните трошоци. Но најодговорно тврдам дека тоа нема да биде потврдено од Регулаторната комисија за енергетика“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна.
Метеоролозите предупредуваат дека сушата ќе продолжи и во идниот период. Поради ова хидроелектраните нема да произведуваат струја, со образложение дека ако работат ќе го загрозат животинскиот свет.
Иле Петревски