Абази: Легитимитет ми дадоа обвинителите, а не партиите

Тие се соселани, но новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал Ислам Абази негира дека лидерот на ДУИ Али Ахмети влијаел на неговиот избор за шеф на ова Обвинителство. Дури вели дека нема личен контакт со него. Абази не негираше дека можеби се сретнал со експоненти на различни политички партии, но според него тоа не е незаконско.
„Никогаш не сум бил и не сум член на ниту една политичка партија и во ниту еден момент од мојата досегашна работа не сум оставил впечаток дека имам посебни односи со некоја релевантна политичка партија“, вели Абази.
Тој вели дека новиот начин на избор на шеф на ова обвинителство, каде право на глас имаа сите обвинители, му дава целосен легитимитет и ја одзема секоја можност за влијание од политика или интересни групи.
„Освоените 66 гласа за мене претставуваат голема одговорност и ме мотивираат да раководам најдобро што можам со ова обвинителство кое е најважно бидејќи има надлежност во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Мојот приоритет е пополнување на работните места за обвинители и истражувачки центар, како и спроведување на дигитализација во јавното обвинителство“, додава Абази.
Неофицијално дознаваме дека на 14 ноември се очекува Советот на обвинители да закаже седница на која и официјално ќе биде именуван Абази за шеф на ова обвинителство, бидејќи на тој датум и завршува мандатот на досегашната шефица Вилма Русковска. Инаку, Абази го чекаат низа нерасчистени случаи, меѓу кои и случајот со автобусот на Беса транс и Финансиската полиција. Тој рече дека во овој период е рано да се зборува за овие теми.
Ардит Рамадани