ВМРО ДПМНЕ не учествуваше на дијалогот Жан Моне

Денешниот состанок на процесот Жан Моне, на кој пратениците расправаа за измени на Деловникот за работа на Собранието, се одржа без претставниците на ВМРО. Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски, изјави дека не ја бојкотираат работата на процесот „Жан моне“. Тој обвини дека првиот човек на Собранието за денеска закажал продолжување на средбите, без да се консултира со опозицијата, знаејќи дека пратениците од опозицијата претходно имале агенда за други активности и средби со европратениците.
Претседателот на Собранието рече дека денешната средба на Жан Моне, е закажана уште на 2 ноември, откако претходната средба била одложена на барање на ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците на парламентарното мнозинство по денешната средба изјавија дека жалат што не учествувале пратениците од ВМРО ДПМНЕ. Во последниот извештај за напредокот на нашата земја, Европската комисија, истакна низа забелешки за работата на Собранието, меѓу кои е нагласено дека „Собранието мора без натамошно одложување да ги спроведе предлозите за кои има договор за внатрешни реформи од дијалогот Жан Моне, на почетокот на 2022 година“.
Мефаил Исмаили