ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Абази пред предизвик, да се докаже дека е независен

Иако измените во Законот за обвинители, со кои се овозможи првиот човек на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција директно да го избираат обвинителите во земјава, беа прогласени како дефинитивно решение на можните политички влијанија во овој процес, невладините организации, академиците, Антикорупциската комисија како и Министерството за правда сега оценуваат дека ниту овој модел не е вистинскиот.

Advertisements

Академик Владо Камбовски истакна дека можеби во иднина ќе треба да се направат промени во изборниот процес и со апсолутно мнозинство гласови да се избира шефот на ова обвинителство. Тој му препорача на Абази да работи според законите во државата, бидејќи според него, земјата ја чека сериозно набљудување од меѓународните институции.

Групата на граѓански здруженија за реформи во правосудството Блупринт реагираше на ниската транспарентност и пропустите при изборот на Абази за прв човек на ова обвинителство, поради немањето изборна програма, а јавноста не била информирана за биографиите на ниту еден од кандидатите.

„Процесот на селекција не беше доволно транспарентен, кај сите кандидати имаше недостиг на информации за нивната професионална кариера. Јавноста, особено стручната, немаше можност да биде известена за програмите на кандидатите, што ќе го направи процесот поверодостоен, и ќе влијае на зголемување на кредибилитетот во оваа институција. Ова е особено важно ако се земе предвид дека се работи за обвинители кои ќе раководат со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, чие постапување е од голем интерес за граѓаните“, наведуваат од Групата Блупринт за реформи во правосудството.

И од Министерството за правда зборуваа за можни промени во процесот на избор на шеф на ова обвинителство, бидејќи според нив, овој модел покажал недостатоци и неопходно е да се утврдат дополнителни критериуми. На иста страна е и Антикорупциската комисија која покрена сомнеж за можно политичко влијание при изборот на Ислам Абази.

Ислам Абази негираше каква било можност дека некоја политичка партија влијаела на неговиот избор за шеф на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button