
Предлог Законот за финансиска поддршка на ранливи категории на граѓани погодени од енергетската криза конечно стаса до пратениците. Во Комисијата за финансирање и буџет пратениците на власта и опозицијата со свои аргументи и спротивставени ставови се расправаа дали законот треба да се донесе што поскоро или да чека опфатот на граѓани да биде проширен. Државна помош чекаат пензионери, приматели на социјална помош, родители кои имаат деца со попреченост, самохрани родители и невработени лица.
„Ваквите предложени антикризни мерки освен козметика и многу минимална помош на определен, ограничен круг на граѓани, нема да даде никаква поддршка на истите. Сакам да нагласам, ние како политичка партија принципиелно ќе си останеме на ставот и ќе гласаме за сите оние средства кои ќе завршат кај граѓаните, но имаме обезбедено како партија и фискален простор и идеа како овие мерки да се прошират да бидат што е можно поопширни, да опфатат повеќе граѓани, со поголема сума на средства“, рече Бојан Стојановски ВМРО-ДПМНЕ.
„Моја заложба е во контекст на амандманот и во контекст на правичност, за идните категории на ранливи социјални структури што ќе се опфатат, мислам дека покрај овие приматели треба да опфатен и приматели на загарантираната минимална помош“, изјави Панчо Минов, СДСМ.