
Односите меѓу Србија и Косово ќе бидат во фокусот на дискусијата посветена на состојбите на Западен Балкан, на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија (ЕУ) што ќе се одржи денеска.
Според најавата, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, ќе ги информира шефовите на европската дипломатија за ќорсокакот во дијалогот меѓу Косово и Србија и за средбите што ги имаше со премиерот на Косово, Албин Курти и со српскиот претседател, Александар Вучиќ кон крајот на минатата недела.
Борел потврди дека доставил предлог до Србија и Косово за решение на настанатата криза.
„Мораме да најдеме излез од оваа криза. Дадовме предлог за излез од кризата, тие треба да го разгледаат. Ние работиме на добро решение“, рече Борел пред состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија.
Се очекува на крајот од дискусијата шефовите на дипломатиите на ЕУ да го повторат повикот за конструктивен ангажман на страните за надминување на предизвиците и намалување на тензиите.
Тие, исто така, ќе бараат напредок во процесот на дијалог кон постигнување сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализирање на односите меѓу двете страни.
Односите меѓу Белград и Приштина се затегнати поради неодамнешната одлука на косовската влада да започне со спроведување на одлуката за укинување на регистарските таблички издадени од српските власти за возилата што главно ги користат Србите на северот на Косово.