Тужбата против град Скопје за аерозагадувањето тапка во место

Првата тужбата против државата за непреземање мерки против загадениот воздух тапка во место. Скопскиот Граѓански суд е натрупан со приговори од Државното правобранителство и Град Скопје, откако здружението „Млади правници“ лани летото поднесе тужба за загадениот воздух против Владата, Министерството за екологија и Градот Скопје. Државното правобранителство ги оспорува доказите на здружението, а Град Скопје смета дека тие не се адресата која треба да биде тужена. Од Град Скопје поднеле и приговор со кој ја оспоруваат и надлежноста на граѓанскиот суд .
„Писменото решение по истакнатите приговори е во фаза на изготвување, меѓутоа истото поради сложеноста и обемноста на предметот, се уште не е изготвено. Воедно, Судот Ве известува дека за најкраток можен рок изготвеното писмено Решение ќе им биде доставено на странките во оваа постапка“, наведуваат од Основниот граѓански суд, Скопје.
Од здружението „Млади правници“ не отстапуваат. Очекуваат дека судот ќе утврди одговорност кај институциите.
„Целта е да се утврди дека надлежните органи не преземале мерки во периодот 2007 до 2018 година, па и до ден денес, за да им обезбедат на граѓаните на државата здрава животна средина, право на здравје и други определени права поврзани со здравата животна средина“, рече Јасна Оровчанец Арангеловиќ, правник во здружение „Млади правници“.
Здружението „Млади правници“ лани до обвинителството поднесе и кривична пријава против функционерите кои раководеа со ресорот екологија меѓу 2014 и 2019 година. Но, досега обвинителството нема одговорено по оваа кривична пријава. Во септември поднесена е нова тужба против Општина Битола за загадениот воздх, а битолскиот суд нема закажано подготвително рочиште. Аерозагадувањето во земјава и оваа сезона ги надминува нормалните граници на загаденост од ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките во воздухот.
Игор Стефановски