МВР потврди – еден од маскираните во Куманово бил полицаец-приправник

МВР ја потврди информацијата на Алсат за вмешаност на полицаец-приправник во групата хулигани кои на 14 ноември нападнаа двајца млади Албанци во кумановската населба „Орта Бунар“. Алсат го откри неговиот идентитет, за кој се дознава дека е снимен од безбедносните камери. Станува збор за Филип Цветановски, роден на 05.12.2000 година, жител на Куманово. Тој не е уапсен, туку само повикан на информативен разговор. Поради тоа што се работи за иден полицаец, Внатрешната контрола при МВР работи на утврдување на неговите постапки, дали се во спротивност со професионалните стандарди.
„Докажано е дека во насилството од 14 ноември во Куманово учествувало и лицето Ф.К., полицаец-приправник во СВР Куманово. Ќе се поднесат кривични пријави против него и другите учесници“, наведоа од МВР.
Засега не се знае дали дејствието за кое е осомничен Цветановски ќе го води Основното обвинителство Куманово или Обвинителството за гонење кривични дела кои потекнуваат од полициски службеници и правосудната полиција. Имајќи предвид дека тој сè уште не е службено вработен во МВР, кривичното сомнение против него може да биде предмет на основното обвинителство во Куманово. Таму ги чекаат кривичните пријави за да почнат со обработка на одговорноста и квалификацијата на делото, што може да донесе и мерки на претпазливост против некои осомничени, поточно притвори.
Индициите за мотивот не се откриваат сè додека обвинителството не ги докаже и не ги постави во предлогот за обвинение. Од 9-те осомничени, неофицијално се дознава дека половина од нив може да одговараат со брза постапка, а останатите со редовна за кривично дело „насилство“. Во текот на денов СВР Куманово соопшти за лоцирање, приведување и сослушување на осомничените лица, информирајќи дека случајот нема меѓуетнички мотиви.
Адријан Керими