МАКЕДОНИЈА

Дипломатите на јавен настап само со дозвола од министерот

Оспоруваниот Етички кодекс за дипломатите останува на сила. Уставниот суд реши да не покрене иницијатива, по обвинувањата од Македонскиот дипломатски синдикат дека со него се загрозува правото на изразување. Имено, согласно Кодексот секој дипломат треба да побара дозвола од министерот за надворешни работи за да има јавен настап и да не изнесува доверливи информации. Од Уставниот суд нагласуваат дека јавните настапи на дипломатите се дозволени само ако искажуваат ставови за теми надвор од службата, а Кодексот е во согласност со Законот за надворешни работи, каде пак се наведува дека не смее да се изнесуваат доверливи информации.

Advertisements

„Врз основа на расправата, преовладувачкиот елемент за денешното одлучување е дека оспорениот Кодекс всушност се однесува на дозвола за изнесување информации за јавен настап во врска со вршењето на дипломатската функција и теми поврзани со нивните службени должности, а не и за теми надвор од нивниот делокруг на работа. Основот за донесување на ваков акт е наведен и во Законот за надворешни работи“, наведуваат од Уставниот суд.

Од Синдикатот велат дека иако е одбиена нивната иницијатива, Уставниот суд ја допрецизирал одредбата од Кодексот со која се определува неможноста за јавен настап на вработен во МНР без согласност од министерот.

„Ова допрецизирање е токму на линија на нашата иницијатива која беше поттикната од злоупотреби на Кодексот и гонење дипломати за искажан став по однос на прашања кои задираат во нивниот економски, социјален, здравствен и професионален интегритет, како и информации од јавен карактер, а не на изнесување доверливи информации, информации што не се од јавен карактер или информации од делокругот на работа на дипломатот, особено доколку во моментот се оперативни и во тек“, велат од Македонски дипломатски синдикат.

Од Синдикатот додаваат дека биле покренати дисциплински постапки врз основа на спорниот член во Кодексот. Иницијативата до Уставниот суд тие ја покренаа во 2020-тата година кога врз основа на овој член тројца дипломати беа санкционирани, поради настап пред здруженија од дијаспората. Кодексот беше усвоен во 2013-тата година од страна на тогашниот министер Никола Поповски, а ниту еден министер досега не иницираше негова промена.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button