Комисија одлучувала за Барлет Џафери и за другите стотици студенти

Комисија, која е формирана од Министерството за правда, поточно Комисија за оцена на исполнување на условите за полагање правосуден испит, им овозможила на стотици студенти да полагаат правосуден испит без да ги исполнуваат условите. Алсат неофицијално дознава дека тогаш претседател на оваа комисија бил Гале Галев, а членови биле Иџет Мемети и Фаик Арслани, сите предложени од тогашниот министер за правда Аднан Јашари. Од Министерството за правда не можат да потврдат дали околу 400 студенти полагале правосуден испит без доволно кредити бидејќи, како што велат, не ги чуваат старите документи.
„Во однос на тврдењата на ДКСК за недостиг на документација за правосуден испит на Џафери, ве известуваме дека согласно член 27 од одредбата за канцелариско и архивско работење, министерот за правда секоја година носи список на документирани материјали со рок за нивно чување за потребите на Министерството за правда. Во однос на рокот за чување на документацијата во Министерството за правда, досега беше пракса документите на кандидатите, поточно барањата и другата пропратна документација за спроведување на правосуден испит, да се чуваат една година“, наведуваат од Министерството за правда.
Од друга страна, ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа Абдулменаф Беџети вели дека имало технички административни грешки. Според него, не се работи за 437 студенти, туку за помалку.
„Не се дадени дипломи, да бидеме јасни, дадени се потврди во кои стои бројот на кредити, каде што пишува 180 кредити и тоа значи дека е еквивалентно на три години студии. Но, некој сака да толкува поинаку и некако да создаде конфузија. Велам дека ова е пола вистина. Еден дел е вистина затоа што во 2011 година започна спроведувањето на одлуката, а кога беше регулирано во периодот од 2011 до 2012 година имаше такви случаи кога се даваа потврди со погрешно наведување на звањето. Сепак, од 2012 година наваму сè е во ред. Во суштина нема грешка, има техничка административна грешка во тој период и бројката не е 437, туку помала од 200“, рече Абдулменаф Беџети, ректор.
На стотици студенти, меѓу кои и синот на спикерот Талат Џафери, Барлет, во 2015 година, им беше дозволено да полагаат правосуден испит без да ги исполнат условите. Синот на Џафери во декември треба да дипломира на Академијата за судии и јавни обвинители и се очекува да пополни некое од испразнетите места за судии или обвинители.
Ардит Рамадани