Процесот за поголема децентрализација на општините е зависен од политичката волја, вели Пенов

Процесот за поголема децентрализација на општините е зависен од политичката волја. За поголема децентрализација најмногу се мисли на финансиска децентрализација, односно општините да добиваат повеќе средства од државата кои ги собира преку данокот на додадена вредност, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов при неговата денешна посета на Општина Тетово.
„Датум не може да има, но на тие процеси се работи, се бара моментот кога ќе има политичка волја за да еден таков системски закон помине и во парламентот. Од една страна точно е, на општини како Тетово и другите поголеми општини треба да им се даде многу брзо поголема можност да функционираат самите и самостојно. Но, исто така има и општини и каде овој тип на мали ингеренции се уште не можат да ги исполнат како што треба. На натамошните чекори за децентрализација се работи. Во моментот парламентот е блокиран, не е реално да се очекува да отвориме една таква дебата во овој момент“, изјави Пенов