Симболично пониски цени на месото за само 5%, телешкото останува исто

Дел компаниите кои произведуваат пилешко и свинско месо и месни преработки ги намалиле цените за пет отсто на околу 50-на производи, тврдат од Стопанската комора. Намалување на цената нема на телешкото месо. За да има поголемо поевтинување претставниците од месната индустрија побараа од Владата прво да ја укине царината за увоз на суровини од странство. Доколку се воведе ваква мерка велат дека своите производи ќе ги намалат цените до 15 отсто. Царини немаше четири години, но тие повторно беа воведени во јуни годинава.
„Готовите производи од конкуренцијата, од увозот влегуваат во земјава без никакви давачки, без никакви царини, а ние плаќаме од 19 до 35 проценти на увезената суровина. Со други зборови, не бараме протекционизам, не бараме субвенции, бараме изедначување на условите за стопанисување на ист начин како со странските производители“, рече Гоце Трајчев, Стопанска комора.
Дел од компаниите кои имале инсталирано фотоволтаици на своите производствени капацитети, прво биле одбиени за мерката користење на субвенционирана електрична енергија, со образложени дека треба да се регулираат вишоците на струја кои тие ја пуштаат во системот. Но, од ЕСМ денеска потврдија дека проблемот е решен.
„Во согласност со Правилата за снабдување, одлучено е покрај договор за снабдување, петте фирми со ЕСМ Продажба да потпишат и договор за откуп на киловатите електрична енергија кои сами ги произведуваат, а кои нема да ги искористат и ќе ги вратат во мрежа“, наведуваат од ЕСМ Продажба.
Инаку, од денеска, па сè до 30 април догодина, над 200 компании ќе користат субвенционирана струја по цена од 80 евра за мегават час. Главниот услов на Владата беше овие фирми да ги поевтинат своите производи за најмалку 10 отсто. Но, тој процент засега не е ниту приближно достигнат, па најголем дел од храната се продава по иста висока цена.
Иле Петревски