
Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак изјави дека почетокот на пролетта 2023 година може да биде краен рок за постигнување договор меѓу Косово и Србија. Тој за приштинската телевизија РТВ 21 изјави дека предлогот за конечно решение е европски предлог со вклученост и силна поддршка на Германија и Франција.
Лајчак рече дека целта е да се постигне целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија до почетокот на 2024 година, а она што не е направено до овој период, како што рече, можеби и воопшто нема да се направи.
Лајчак оцени дека двете страни постојано разбираат колку е важен дијалогот за нив и дека сакаат напредок во нормализацијата на односите.
„Двете страни признаваат дека моменталната ситуација одзема многу време и енергија. Но, секако, за да можеш да се фокусираш на нормализација на односите, не може да се соочиш со кризата на терен. За жал, прашањето за регистарски таблички и документи ни одзема многу време и енергија во последните месеци“, рече тој.