
На Самитот за Западен Балкан – Европска Унија што се одржува денеска во Тирана телекомуникациските оператори од земјите од ЕУ и ЗБ потпишаа Договор со кој ќе се овозможи намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот од следната година.
Со Договорот се отвора патот за почеток на процесот за укинување на тарифата за роаминг меѓу земјите од Европската Унија и Западен Балкан. По долги преговорите Европската комисија и Регионалниот совет за соработка (РСС), предводени од генералниот секретар Мајлинда Брегу постигнаа договор со мобилните телефонски оператори во Европа и на Балканот за намалување на роаминг тарифите.
Потпишувањето на Декларацијата за роаминг ќе гарантира значително намалување на трошоците за роаминг од 1 октомври 2023 година. Тарифите блиски до националните нивоа на цени се планира да се постигнат до 2027 година.
Операционализацијата на Декларацијата треба да овозможи намалување на оперативните трошоци на бизнисмените, да го поттикне бизнисот надвор од матичните граници и да даде дополнителен поттик на туризмот во регионот на Западен Балкан.