Бугарскиот министер Милков во Скопје на чествување на Св. Климент Охридски

Македонија и Бугарија за првпат официјално чествуваа историска личност – свети Климент Охридски, за кого историчарите претходно постигнаа согласност за заеднички текст. Во пресрет на утрешниот државен празник, шефовите на дипломатиите Бујар Османи и Николај Милков денеска положија цвеќе пред националната библиотека во Скопје која го носи името на светецот, но медиуми не беа поканети. На прес-конференцијата претходно, бугарскиот министер Милков кажа дека заслугата за ова заедничко чествување на двете земји е на Мешовитата историска комисија, чија работа, како што додаде е важна за добрососедските односи.
„Кога имаме заедничка концепција и заедничко разбирање за различни историски периоди, за различни историски личности, тоа ќе исчисти редица проблеми кои се од историјата, а денеска се наметнуваат во нашите современи односи“, рече Милков.
Прашан за говорот на омраза, Милков вели дека проблемите околу историјата не треба да ја одредуваат сегашноста. Коментирајќи ги пак провокативните изјави на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, Милков кажа дека тие не се официјален став на бугарската Влада. Од друга страна, министерот Османи потсети дека МНР реагира и на иредентистички изјави од страна на бугарски политичари, како и на нападите врз бугарските клубови кај нас. Според него, провокации сè уште ќе има.
„Убеден сум дека полека, нема да биде лесно, ќе биде тешко, но убеден сум дека ќе стигнеме до таа точка кога тие што го прават тоа, ќе се срамат од своите постапки“, рече Османи.
Османи и Милков денеска во Скопје присуствуваа на Форум на македонски и бугарски бизнисмени, каде кажаа дека за првпат оваа година трговската размена меѓу двете земји ќе надмине една милијарда евра.
Лука Андреев