Софија ја оствари заканата за вето, Берлин остава простор за решение до крајот на декември

Бугарија ја оствари заканата за вето блокирајќи го усвојувањето на преговарачката рамка за С. Македонија и одржувањето на првата меѓувладина конференција на вчерашниот видео-конференциски состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ. Сепак, германското претседателство со Унијата и Европската Комисија, потврдија дека ЕУ не се откажуваат од решение до крајот на оваа година. Од Владата оценуваат дека одлуката на Бугарија не е во духот на добрососедството и Договоерот за пријателството, но најавуваат дека разговорите продолжуваат до изнаоѓање вин – вин решение во интерес на нашата европска иднина и во рамки на позициите што ги има и ги прокламира државата.
Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева по министерскиот состанок на прес-конференција изјави дека Бугарија во оваа фаза не може да ја поддржи преговарачката рамка со С Македонија, затоа што предложениот нацрт не ги одразува бугарските барања и не може да биде поддржан во сегашната форма, изјави Захариева.
Бугарија инсистира да се утврдат три услови во преговарачката рамка со земјава и тоа „придржување кон формулацијата за јазикот од 1999 година, потврдена и со Договорот за пријателство и добрососедство; утврдување план за спроведување на Договорот од 2017 година; и многу јасен и прецизен текст дека нема да има претензии за македонско малцинство во Бугарија“.
– Овие услови се уште не се вклучени во нацрт преговарачката рамка, нагласи Захариева.