
Со долг нешто над три милиони евра, градската болница во Струга тешко функционира. Неодамна болницата побарaла од Основниот суд во Струга да ѝ се одреди финансиска рамка, односно минимум средства од околу 350.000 евра за извршување на дејноста. Но, ваквото барање ѝ било одбиено. Сметките на болницата се блокирани бидејќи против неа се водат судски постапки за наплата на разни долгови.
„Ние со нашите служби секогаш се бориме и бараме начин како да се надмине она што може да предизвика кочење во нашата работа. Да, ние баравме до Основен суд, но баравме помош и кај релевантните институции, како Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство…“, рече Арменд Арслани-директор на општа болница Струга.
„Тој предлог што беше поднесен од општа болница Струга не беше врз закон заснован и мораше да се одбие. Немаше поддршка во законот, таквото нивно барање бидејќи одредени доверители, кои веќе имаа извршено подмирување на нивните обврски, не ќе можеа да бидат намирени“, нагласи Ифет Бајрамоски-претседател на Основен суд Струга.
Сепак и покрај овие потешкотии, директорот на болницата вели дека успеваат да функционираат и ги нудат сите здравствени услуги за пациентите, а со тековното работење долгот бил и поднамален. Болницата во Струга ја користат околу 100.000 граѓани од регионот, вклучително и од Вевчани, Охрид и Дебар./Alsat.mk
Мики Трајковски