Мухамед Зеќири не се чувствува виновен, Обвинителството тврди дека ќе го докаже товарот

Поранешниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири, во Основниот кривичен суд Скопје денеска изјави дека не се чувствува виновен за делото кое му се става на товар. Од друга страна, обвинителката Катерина Коларевиќ изјави дека со материјалните и вербални докази, како и вешт наод, ќе го докажат товарот.
Според обвинението, Зеќири, како службено лице генерален секретар на Владата, со умисла извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
– Обвинетиот Мухамед Зеќири извршувал именувана функција генерален секретар на Влада на Република Северна Македонија и како носител на таква државна фунција го сторил кривичното дело во рамките на кое со умисла, што значи свесно и со своја волева намера, не спровел соодветни постапки за јавни набавки како што истото е предвидено согласно Законот за јавни набавки во Република Северна Македонија, а двете конкретни услуги се однесуваат на вршење на договори за консултантски услуги, рече обвинителката.
Таа појасни дека првиот случај се работи за кнсултантни услуги за реконстуирање на АД Пошта во државна сопственост, а второто за консултантски услуги за поддршка на процесот на потенцијална приватизација на „ЖРСМ Транспорт“ АД Скопје.
– Обвинителството ќе докаже дека иако обвинетиот Мухамед Зеќири, како генерален секретар на Влада, со заклучок на Владата бил задолжен да спроведе постапка во рамките на која ќе се ангажира фирма, поточно консултантска куќа, која што ќе го даде предлог моделот за реконструирање на АД „Пошта на Република Северна Македонија“, во државна сопственост, тоа не значи дека Владата го ослободила сега обвинетиот како генерален секретар, од неговата одговорност да ги почитува законите во Република Северна Македонија донесени од страна на нејзинот законодавен дом, односно, со ваквиот заклучок не му дала одврзани раце да склучува договори во четири очи со правни лица за кои истиот мислел дека се компетентни да ја вршат услугата која што била прдмет на договорот, рече таа.