Американските експерти собирале информации за „црната листа“

Таканаречениот американски тим на санкции кој беше во земјава собирал информации за црната листа, смета претседателот Стево Пендаровски. Тој вели дека без оглед на нивните наоди, но и повиците од партнерите за борба против корупцијата, таа работа ќе треба да ја завршат домашните политичари и институции.
„Тоа се дипломати од Стејт департментот, доаѓале и порано, ќе доаѓаат и во иднина. Тие собираат информации за тоа што се случува во сферата на правосудството и потоа сосема автономно, независно од нас, сосема автономно ја формираат таа т.н. црна листа, односно листа на ентитети и лица под санкции“, рече Пендаровски.
Токму борбата против корупцијата и владеењето на правото биле во фокусот на вчерашните телефонски разговори на американскиот советник Дерек Шоле со претседателот Пендаровски, но и со премиерот. Ковачевски вели дека се осврнале на резултатите од скринингот од преговорите со Европската унија, кој се очекува да заврши наредната година во ноември.
„Разговаравме во однос на заклучоците, односно наодите што ќе бидат најдени при тој скрининг да бидат високо на агендата на Владата, во делот на унапредувањето на владеењето на правото и штом ќе дојдат резултатите од скринингот, тогаш ќе можеме да направиме и Акциски план и секако, да добиеме поддршка од стратешките партнери, а такви се САД“, рече Ковачевски.
Инаку, Шоле, но и американскиот висок претставник за регионов Габриел Ескобар требаше да ја посетат земјава, но поради ковид-тестот на Шоле ја одложија посетата за почетокот на наредниот месец. Шоле на твитер напиша дека со државниците од земјава зборувал за заземање цврст став за борба против корупцијата.
Лука Андреев