Тетовските комуналци не работат, си ги бараат заостанатите плати

Десетици работници на јавното комунално претпријатие, секторот за хигиена, денеска не работеа, туку се собраа во дворот на претпријатието, за да го изразат својот револт поради неисплатените три плати, но и за лошите услови за работа. Сè додека не им се исполнат барањата, нема да се појавуваат на работните места.
„Во понеделникот пред два дена ја добивме платата за деветти месец. Не знам што да ви кажам, има денови кога немаме пари ни да појадуваме, тоа е тоа“, вели еден работник.
„Три месеци сум без плата. Се случувало и четири месеци да не земеме“ додаваат работниците.
Од општина Тетово велат дека работат на исплата на платите, но за подобрување на условите ќе треба да се почека.
„Во редовна комуникација сме со трезорот за да најдеме начин да ги исполниме тие обврски и до последен месец да ги исплатиме договорите кои се во тек. За условите се бара поголема инвестиција и во таа насока сме при крај со изработката на студијата за јавно-приватно партнерство. Има сериозни компании заинтересирани да влезат во делот за управување со отпад“, рече Биљал Касами- градоначалник на општина Тетово.
Условите во кои работат овие работници се лоши. Немаат соодветно греење, а објектите имаат искршени прозорци и врати.
Башким Сулејмани