ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ковачевски не смета дека изборот на нов директор на АНБ е избрзан

Новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, Заре Милошевски, доаѓа од секторот што му додели државјанство на прорускиот украински олигарх, Олександер Онишченко. Неофицијално, во документите на АНБ има и негов потпис како помошник-директор за безбедносни проверки и НАТО регистар. Но, според премиерот Димитар Ковачевски, неговиот избор не бил избрзан иако се очекува да се заврши истрагата и да се прецизира одговорноста.

Advertisements

Со овој одговор, Ковачевски навести дека на поранешниот директор Виктор Димовски, во чиј мандат Онишченко доби државјанство, можеби нема да биде испратен за амбасадор во Франција додека не заврши истрагата. Иако не ја посочи одлуката на Владата, Ковачевски рече дека прашањето за испраќање на Димовски за амбасадор во Париз зависи од Собранието и од претседателот на државата.

Во меѓувреме, во Собранието денеска се одржа продолжението на седницата во Комисијата за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање, но Димовски не се појави. Во комисијата немаше ниту претставници на АНБ.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски пак, при учеството во комисијата за работа на АНБ, изјави дека по завршување на постапката во ова работно тело и обезбедувањето на потребните материјали, ќе свика седница и на неговата комисија за да разговараат за судбината на Димовски како амбасадор. Продолжувањето на неговата дипломатска кариера зависи од два документа: Извештајот на АНБ за државјанството на Онишченко, кој самиот Димовски го изработи и го упати до Собранието и Владата, како и извештајот од истрагата на Министерството за внатрешни работи за пропустите што ги направиле структурите на АНБ при постапката за државјанството на рускиот шпион. Димовски јавно во медиумите изјави дека отстапката ја направил секторот за НАТО и оти двајца вработени во АНБ се суспендирани. Но, она што останува мистерија за мислењето е концентрираната одговорност и улогата на Димовски како последен филтер кој ја потпишува одлуката и ја испраќа до Владата за давање согласност.

Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button