Министерството за змејоделство ќе откупува и риба
Министерството за змејоделство ќе откупува и риба

По јаболката Министерството за земјоделство ќе дели и пастрмки. Не само во основните училишта, туку риба може да добијат и децата од градинките и хоспитализираните деца во здравствените установи. За оваа цел, Владата размислува да промени законски решенија за да може државата преку јавен оглас да откупува свежа риба. Со актуелниот закон државата може да купува овошје , зеленчук, млеко и млечни производи. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски не гледа ништо спорно во тоа што државата ќе дава народни пари за производство на земјоделски производи, а потоа исто така со пари од државната каса ќе врши откуп. Образложението на Николовски е дека децата треба да јадат здрава храна.
„Државата не откупува, државата распишува постапки, бира економски оператори кои што подоцна согласно планот и стандардите на министерствата и институциите на градинките на училиштата ќе биде направен. И ќе се прави план, во кој период од годината зависно од кој периоди и кои производи ги имаме домашни- македонски, да бидат дистрибуирани и обезбедени дали за учениците или за малите дечиња во градинките или за во здравствените установи“, рече Љупчо Николовски министер за земјоделство.
Од Националната Федерација на фармери велат дека ова е модел кој што функционира во многу држави. Додаваат дека е добро производите на земјоделците од Македонија да завршуваат до секое дете.
„Најбитно е пазарните врски да се задржат, односно вишокот на производи кои што ги имаат нашите земјоделци да не одат на буниште туку да се искористат во случајот државата да ги дистрибуира до училиштата“, рече Васка Мојсовска Национална Федерација на фармери.
Пред два дена заврши рокот до кога државата требаше да подели 745 тони јаболки кои ги купи од домашните земјоделци за 323 илјади евра. По четири килограми јаболка добија 185 илјади ученици од 350 основни училишта./Alsat.mk
Иле Петревски