САД со предупредување за престојот во Македонија

Амбасадата на САД ги предупреди американските државјани да избегнуваат масовни собирања во земјава за време на празничниот период. Во известувањето тие велат дека е можно зголемување на криминалот, но воедно потсетуваат дека во Скопје зачестија пријавите за бомби во училиштата, трговските центри, транспортните станици и други места. Од амбасадата повикаа државјаните на САД во случај на дојава за бомба да ги следат инструкциите на локалните безбедносни власти.
Но, министерката за одбрана, Славјанка Петровска вели дека реална закана за безбедноста во земјава нема, иако треба сериозно да се работи на откривање на случаите со лажни дојави за бомби. Според неа, целта е да се предизвика паника кај населението и недоверба во институциите.
„Една од претпоставките, којашто не ја исклучувам ни јас е позицијата на Република Северна Македонија во поглед на конфликтот на Украина, односно јасно застанување на страната на правдата во државата. Меѓутоа, кога ќе видите дека главната цел е психичка дестабилизација или негативно влијание врз граѓаните, сите претпоставки се отворени“, вели Петровска.
Деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, индиректно ги поврза лажните дојави за бомби со државната позиција кон Украина. Тој вели дека крајна цел е влевање несигурност, но и продлабочување на економската криза.
„Колку и да е една политичка гарнитура способна, колку и да има економски резултати, доколку граѓаните не се чувствуваат безбедни, тогаш речиси и ништо не сме направиле. Она што ни се случува денес, во услови на хибридна војна, дојавата на бомби е продолжение на притисокот уште повеќе да се разгори економската криза во земјите на Западен Балкан“, вели Дуев.
Премиерот Димитар Ковачевски оцени дека лажните дојави се дел од сајбер нападите кои произлегоа по нападот на Русија над Украина.
Лука Андреев