Инвестирањето на Шапка исплатливо ако се скија барем 100 дена
Инвестирањето на Шапка исплатливо ако се скија барем 100 дена

Се планира Попова Шапка да се врати како туристичка атракција. Италијанската компанија „Техно Алпин“ единствена се појави на тендерот за инвестирање во 9 нови жичарници, ќе постави опрема за вештачки снег и скијачки патеки. Во првата фаза се планираат 55 милиони евра инвестиции, од вкупно планираните 180 милиони. Извршниот директор на компанијата вели дека вештачкиот снег е од витално значење за подолго траење на скијачката сезона.
„Инвестицијата од десетици и стотици милиони евра гарантирано ќе се исплати ако имаме барем 100 дена скијање. Доколку не ја поминеме оваа квота, оваа инвестиција ќе биде непотребна. Модерните скијачи сакаат да дојдат кога имаат 3 до 6 дена или повеќе, а не само кога паѓа снег од небото. Така ски-центарот ќе биде подготвен за зимување најмалку 100 дена во годината“, изјави Ерих Гумер, извршен директор на компанијата „Техно Алпин“.
Колку и да изгледа привлечна за странските инвеститори, Попова Шапка има свои проблеми. Министерот за екологија, Насер Нуредини признава дека има и дивоградби, а деталниот урбанистички план сè уште не е изготвен. Нема доволно инфраструктура и паркинзи, иако на Шапка може првенствено да се стигне со возило. Жичницата од Тетово до Шар Планина е целосно вон функција, а на старата траса има имотно-правни спорови:
„Инвестицијата без жичара-кабина ќе биде џабе, затоа мора да ја изградиме од Тетово до Попова Шапка. Во преговори сме дали ќе ја обновиме сегашната линија или ќе изградиме нова патека. Ќе биде на државно земјиште, нема да ја користиме сегашната траса бидејќи е застарена и нема статика, па за да избегнеме имотно-правни спорови ќе ја градиме преку државно земјиште“, рече Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање.
На надморска височина од над 1.700 метри, освен туристичкиот комплекс од ’50-ттите години на минатиот век, Шапка е запуштена без капитални инвестиции. Овој бисер на Шара сега се ветува оти ќе го врати својот сјај за планински туризам, не само на зима издигнувајќи ја евентуално на ниво на Банско во Бугарија, Ругова во Косово, Тет во Албанија и Копаоник во Србија. Со оваа инвестиција во заштитеното природно подрачје, освен што ќе има придобивки за државата, ќе се отворат и нови работни места./Alsat.mk
Аднан Ќаили