
Македонското Собрание денеска во 11 часот треба да ја продолжи започнатата расправа за дополнетиот Предлог буџет за 2023 година. Вчера пратениците од опозицијата упатија критики за проекциите и планираните приходи и расходи, забележувајќи дека граѓаните се соочуваат со 20-процентна инфлација, дека нема доволно инвестиции во енергетиката и оти се трошат многу пари за увоз на струја.
За пратениците од власта, пак, буџетот за следната година е одговор на последиците од светската економска криза, нуди поддршка за граѓаните и стопанството, ќе овозможи економски пресврт, развоен е и обезбедува стабилност и економски раст.За Предлог-буџетот беа поднесени вкупно 263 амандмани, од кои околу 200 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година.